Прв Скопски Извиднички Одред (ПСИО) е најстариот извиднички одред во Република Македонија. Формиран е есента 1952 година, за подоцна во 1953 година да се регистрира во Сојуз на Извидници на Македонија (СИМ). Во текот на годините ПСИО го има променето своето име во чест на некогашниот претседател на тогашна СФРЈугославија Маршал Јосип Броз Тито, но по осамостојувањето на Република Македонија извидничкиот одредот го враќа примарното име во Прв Скопски Извиднички Одред. ПСИО е дефиниран како невладина организација, самостојна, неполитичка, непрофитна, доброволна и воспитна организација за деца и млади, отворена за сите без оглед на националната или верската припадност. ПСИО е дел од Светското извидничко движење (WOSM) и како таков опстојува и се темели на основните вредности на Извидништвото. Во нашето извидничко друштво, членуваат преку 100 активни извидници кои се категоризирани во повеќе возрасни групи. Извидниците од 6 до 10 години се во група на јато и се нарекуваат Развигорци, од 11 до 14 години тие влегуваат во патрола и се нарекуваат (помлади) извидници, од 15 до 18 година, истражувачи кои формираат младински клуб и над 18 година извидниците се нарекуваат ровери. Во ПСИО извидниците се распределени во 5 јата, 4 патроли, 2 клуб на средношколци и 1 клуб на ровери кои се водени од свои водачи, волонтери.

Мисија на извидничкото движење!

Мисијата на извидници е да придонесат во образованието на младите, преку систем на вредности врз основа на извидничиот Завет и Закони, да помогнат да се изгради еден подобар свет , каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството. 
Ова се постигнува со  вклучување на младите во не- формалниот образовен процес со користење на специфичниот извиднички метод што го прави секој поединец главен агент во неговиот или нејзиниот развој.
Мисијата е усвоена на Светската Извиднички конференција во Дурбан , Јужна Африка во 1999 година. 
Завет на извидничкото движење во Република Македонија

„Давам чесен збор, дека ќе ја запознаам и сакам својата татковина Република Македонија дека ќе ја прифатам духовната реалност и ќе го барам нејзиното потполно значење, дека секогаш ќе им помагам на луѓето, дека ќе живеам и работам по извидничките закони“.

Закони на извидничкото движење на Република Македонија

  1. На извидникот му е чест да му веруваат
2. Извидникот е корисен
3. Извидникот е добар другар
4. Извидникот е учтив
5. Извидникот е оптимист
6. Извидникот е верен и одговорен
7. Извидникот постојано учи и ги применува стекнатите знаења
8. Извидникот ја цени природата
9. Извидникот ги цени и развива духовните и културните вредности
10. Извидникот е чесен во мислите, зборовите и делата