Информации за извиднички дом „Чичко Боро“

Извидничкиот дом „Чичко Боро“- шумско домче се наоѓа на 35 километри од центарот на Скопје, на планината Китка, Мала Река на 950 мнв. Природата изобилува со густа шума, Мала Река која е притока на р.Кадина, многу патеки за хајкинг и планински велосипедизам.

Во извидничкиот дом има место за сместување на 25 до 30 лица во три соби со кревети на спрат, заедничко купатило, комплетно опремена кујна со прибор за јадење и готвење и простор за дневен престој. Домот се загрева со печка на дрва. Најубавиот дел од престојот во Шумско домче е дворот со 1800 м² каде се поставени нашите авантуристички реквизити како зип лајн, трамболина, слеклајн, мрежа за одбојка или бадминтон, место за логорски оган и шатори.

Можност за користење на домот и уживање во извиднички активности.

КОТИЗАЦИЈА

Ноќевање по лице 300 ден.
2 Деца до 6 години Не се плаќа
3 Извидници 100 ден
4 Користење на реквизити по ден: зип лајн, трамболина, стреличарство,
слеклајн, молки, петанк, одбојка
1.000 ден.
Дводневна адреналинска авантура за 2 лица Китка-Караџица* 7.200 ден.
6 Дводневна адреналинска авантура за 3-4 лица Китка-Караџица* 12.000 ден.
7 Можност за еднодневни настани до 8 деца до 14 год.
(ден во природа/шумска екскурзија, роденден…)**
12.000 ден.

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА!

До извидничкиот дом се вози преку селата Долно и Горно Количани. Патот е асфалтиран до Црвена вода, а до Преслап асфалт кој на некои места е оштетен. Од Преслап до Мала Река има 9 км земјен широк пат каде е потребно повнимателно возење. Може да се патува со градски автомобил, но ние препорачуваме да се користи високо или теренско возило. Отприлика се стигнува за 1:30 час до домот со бавно и внимателно возење.

Доколку имате потреба од организиран превоз, дополнително можете да не контактирате.

За домот се грижат волонтери од Прв Скопски Извиднички Одред и Здружение за одмор и рекреација „Мала Река“.

*Информација за дводневната адреналинска авантура Китка – Караџица

АГЕНДА

Прв ден

Поаѓање од Скопје и пристигнување во домот најдоцна до 11:00ч. Сместување во соби или шатор со креветчиња, кафе и слатко за добредојде и слободни адреналински активности во двор: зип лајн, слеклајн, трамболина…Во 14:00ч ручек по избор гравче или грашок. По краток одмор се поаѓа на хајк, прошетка до познатиот водопад на Мала Река. До вечерата повторно можност за активности во двор: пинг понг, карлин на земја (петанк), одбојка/бадминтон, палење огниште со магнезиум и сл.. Вечерата се подготвува на извиднички начин – кобасици на стапче и манчмелоу со бисквит и крем на логорски оган. По вечерата има можност за кино на отворено или слободни активности по желба.

Втор ден

Појадок во 09:00ч. пита со сирење и утринско кафе и поаѓање на off-road авантура до Караџица. По пристигнувањето по желба се заминува на краток хајк – прошетка до познатата карпа – Жаба, од каде има прекрасен поглед на целиот планински масив. Ручекот ќе биде послужен во ресторанот кој е дел од планинарскиот дом Караџица со единствен поглед кон Солунска глава. Заминување во 16:30ч. кон Мала Река, а оттаму за Скопје.

**Информација за еднодневни настани за најмногу 8 деца до 14 години

АГЕНДА

Поаѓање во 09:00ч од Скопје. Пристигнување во домот најдоцна до 10:00ч.

Кратко запознавање со извидничкиот дом и активностите и почеток на адреналински активности во дворот: зип лајн, слеклајн, трамболина, стреличарство како и спортски активности скаутбол, одбојка, бадминтон, пинг-понг, карлинг на земја, молки, ултимејт фризби, обука за палење оган со магнезиум, врзување јазли и слични извиднички вештини. Поаѓање кон Скопје во 18:00ч.

Во тек на целиот ден ќе бидат обезбедени 2 ужинки, ручек и освежителни напитоци.