Кратка историја на извидништвото


Основачот на Светската Организација на Скаутското Движење (WOSM) е лорд Роберт Стивенсон – Смит Баден Пауел од Гилвел – БП, роден на 22.02.1857 година во Лондон–Англија, (како шесто дете од вкупно десет деца). Останал без татко кога имал само 3 години.Првото образование го добил од својата мајка а подоцна го посетувал училиштето Rose Hill School. Таму добива стипендија и образованието го продолжува (на 13 годишна возраст) во колеџот Чартрхаус. Според крајните резултати БП немал високи оценки во училиштето. Неколку години по завршување на колеџот БП пристапува во армијата каде што го примаат во конкуренција од 700 кандидати. По завршување на академијата во 1876 година на 19годишна возраст, го испраќаат како поручник во Индија. Таму тој останува цели 10 години каде што развива свои вештини да набљудува, да се крие, да живее под отворено небо, да се грижи сам за себе. Подоцна заминува во Јужна Африка, од 1899-1901 година само со илјада војници под своја команда каде БП успешно ја води одбраната на градот Меифкинг. Градот е ослободен по пристигнувањето на воената помош, а БП епрогласен на национален херој. На 42 годишна возраст унапреден е во генерал-мајор. Ја организира полицијата во чиј состав влегуваат луѓе кои се способни да се движат по траги, да прават скици на места и објекти, да набљудуваат, да забележуваат и да работат со чувство на одговорност. Врз основа на стекнатото искуство ја напишал својата прва книга „Помош за извидништво“ (AIDS TO SKAUTING).Пишувал и за тамошните деца кои му помагале за пренесување пораки, давајќи прва помош на ранетите и на многу слични начини. Во тоа ја препознал желбата на момчињата да направат нешто корисно, активно да придонесат за својата земја и за нивната желба за авантура. Следниот чекор го направил на 29 Јули1907 година со 22 (дваесет и две) момчиња- синови на свои пријатели и деца од квартот каде живеел, БП оди на кампување на островот Браунси во заливот Пуул кај Дерсет-Јужна Англија. Тој е првиот скаутски камп,кој било предвидено да трае 7 дена но продолжил и траел 10 дена, затоа што момчињата не сакале да се вратат дома. Целта на кампот била момчињата да зајакнат физички и да се научат да помагаат на другите, како да се прехранат во природа, сами да бараат и да откриваат. Ги поделил во четири патроли: Бикови, Гаврани, Овни и Волци. Импресиониран од воодушевувањето на децата кои биле во кампот сето тоа го публикувал по една година(1908) во книгата „Извидништво за момчиња“(SCOUTING FOR BOYS). Во 1929 година зазаслугите што ги имал за младите во cветот воопшто, од Британската круна ја добива титулата барон и станува познат како Лорд Баден Пауел од Гилвел. Неговата сопруга во 1930 година е избрана за претседателка на Светското женско скаутскo движење. Двајцата биле родени на ист датум 22.02 и по тој повод од 1926 година овој датум се прославува како Светски ден на извидниците, познат под името ден на Баден Пауел односно Thinking Day.Тој се разделува од движењето во 1937 година за време на Светското Џамбори во Холандија пред 28 000 илјади извидници од целиот свет. Заминува во градот Ниери, Кенија каде умира на 08 Јануари 1941 год. а, последните зборови му биле БИДИ ПОДГОТВЕН (термин кој станал поздрав на извидниците).